ПОЛОЖБАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ПОД ГРЧКА ОКУПАЦИЈА
Петтиот пленум на КП на Грција од 30-31 јануари 1949 година прогласи дека последица на победата на Демократската армија ќе биде македонскиот народ да најде полно национално признание самопоставување, ослободување онака како тој самиот го сака, жртвувајќи ја сега својата крв за да би го стекнал тоа. Тоа е став на КПГ по македонското прашање. Двата народа, грчкиот и македонскиот, се борат заеднички за својата слобода. Последицата на победата ќе биде секој народ слободно и суверено да реши за својот натамошен пат. Последицата на победата ќе биде македонскиот народ сам да реши како сака да живее и каква управа ќе има. Овој народнодемократски став на Комунистичката партија на Грција не може да го изопачува и преиначува никаква клеветничка кампања, ниту полемиката на анепријателите на нашата борба”. (“Слободна Грција”, 7 март 1949, ЦК на кП на Грција).<Исто таму... кут. 1/36 - Деманти од ЦК на КП на Грција.> Независно од реалноста колку тоа било тактички потег на КП на Грција со цел да го придобие македонскиот народ во заедничката борба со грчкиот народ против монархофашистичкиот режим и странските сили, сепак, овој документ е значаен, бидејќи не само што во него КПГ ја признава македонската национална посебност, туку и што на македонскиот народ во Грција гледа како на важен субјект и фактор во текот на Народноослободителната војна и на Граѓанската војна. Спроведуваните репресалии од страна на режимот во Грција наидоа на остра осуда сред југословенските народи. Така, ако се проследи дневниот и периодичниот југословенски печат, ќе се наиде на бројни коментари во кои се провлекува единственоста на југослвоенските народи во поддршката на македонскиот народ во Егејска Македонија за неговото национално ослободување и воедно се осудуваат репресалиите што ги вршеше грчкиот монархофашистички режим над македонскиот народ во Егејска Македонија.
На меѓународен дипломатски план, францускиот амбасадор во Атина во својот извештај до француската влада од септември 1950 година го анализира ставот на југословенскиот претставник во ОН Беблер од 4 септември 1950 година дека, во напорите за југословенско-грчкото приближување, “грчката страна го игнорира македонското малцинство и неговите национални права, што претставува еден од основните предуслови за нормализација на југословенско-грчките односи”.< Archives diplomatique... Paris... Serie, З, Europe, Sous-serie, Грееце 1949-1955, vol. 53. >
Независно од стремежите и желбите на македонскиот народ за извојување на своите национални права и заедничко живеење во една обединета Македонија, треба да се согледаат и земат предвид сплетот на меѓународните околности како фактор. Имено, настаните што уследија по донесувањето на Резолуцијата на информбирото од јуни 1948 година, оставија силен печат и мошне негативно се одразија во остварувањето на стремежите на македонскиот народ за негово обединување и конституирање во една самостојна македонска држава, или во рамките на една југословенска или балканска федерација. Така, ако се проследи основната француска документација, ќе се согледа значителна промена во курсот на тогашното југословенско државнопартиско раководство, па дури во одредени временски интервали, како на пример, пред и по потпишувањето на Балканскиот пакт од 28 февруари 1953 година, е присутно и напуштање па и целосно одбегнување воопшто да се споменува прашањето за Македонците и македонскиот народ надвор од тогашна Југославија, а камо ли да се застапува за нивна заштита и обединување.
Специфичностите на посебниот национален карактер на Македонците од Егјска Македонија, посебноста на нивниот јазик, културата, традицијата, обичаите и другите белези својствени за еадна посебна нација, ги нагласува Лусиен Пјер Лемоан, генерален француски конзул во Солун, во својот извештај од 17 септември 1952 година упатен до францускиот министер за надворешни работи, под наслов “Грчко-југословенските односи и Македонија”. Во овој извештај меѓу другото се подвлекува дека “ова значајно малцинство (македонското - б.м.), е многу жилаво и работливо, со кое Англичаните ги зачуваа тесните врски, живее нескршливо приврзано кон своите обичаи и посебно кон својот јазик. Генералната инспекција за странски училишта со седиште во Солун посебно се зафати со утврдување на задачата, да ја уништи употребата на славомакедонскиот дијалект што се употребува во семејствата кои го исклучуваат грчкиот јазик. На постоењето на славомакедонското малцинство секоја од двете земји (Југославија и Грција - б.м.) му придаваат такво значење, со што се ризикува, а тоа претставува сериозна пречка во полниот развој на нивните односи (се мисли на југословенско-грчките - б.м.)”.<Исто таму... vol. 133. >
Слични белези и оценки за македонскиот карактер на распарчените делови од интегрална Македонија изнесува и ги нагласува и францускиот амбасадор во Софија Жан Луи Бодие во својот извештај од францускиот министер за надворешни работи од 19 мај 1955 година. Имено, тој најнапред соопштува дека е “извршено патување во Грчка и југословенска Македонија (се мисли на Егејска и Вардарска Македонија, односно НР Македонија - б.м.), при што бил во постојан контакт со француските конзули во Солун и Скопје, како и со францускиот амбасадор во Атина”.<Исто таму... sous-serie, Yougoslavie, vol. 103 Мацедоине, Софија 19 мај 1955 година - Белешки од патувањето во Егејска и Вардарска Македонија на Жан Луи Бодие - француски амбасадор во Софија - упатено до Министерот за надворешни работи на Франција Антоан Пинај - Париз.> Натаму, во текстот се подвлекува како лајт мотив една негова констатација од која произлегува заклучокот дека “нивото на животот во Вардарска Македонија го потврдува јавното мислење кое е многу приврзано кон идејата за едно обединување на Јужните Словени..., а во Македонија (Егејска - б.м.), сместена меѓу Удово (село во Демиркаписката клисура - б.м.) и Солун, се употребува еден јазик - словенски и во целиот овој регион селата продолжуваат да ги носат словенските имиња..., а Македонците од Пиринска Македонија се ориентирани кон Вардарска Македонија...”.<Исто таму...> Впрочем, карактерот и состојбата на населението и називите на населбите ги потврдува и приложената француска карта на Македонија, од која јасно се согледува дека сите населени места со исклучок на Солун (во картата стои Салоник) имаат македонски имиња.
Интересни согледувања и оценки во врска со донесениот грчки закон од летото 1953 година според кој се конфискува сиот недвижен имот на пребеганите Македонци од Грција за време на Граѓанската војна изнесува францускиот амбасадор во Белград во извештајот од септември 1953 година. “овој закон е една дискриминаторска мерка во поглед на ова малцинство - лишените Македонци и нивните фамилии беа принудени да ги напуштат нивните огништа за да најдат прибежиште во Југославија... тој е донесен со цел да ја измени етничката структура на населението од Северна Грција....,...овој закон е во контрадикција со грчкиот устав кој забранува целосна конфискација на приватната сопственост без надомест и без легална процедура. Добро информираните лица имаат впечаток дека овој закон го санкционира неправедното држење кон словенското население од Северна Грција... кое е без основни национални права и правото да го употребуваат македонскиот јазик...”.<>
Без оглед до кој степен на реалност продреле француските дипломатско-конзуларни, политички, воени и други претставници на Франција во проникнување и откривање на вистинските состојби за положбата на националните права на Македонците во соседните земји, а посебно во Грција, неодминливо е нивното согледување и оценките дека тогашното југословенско раководство од година во година се' повеќе се оддалечуваше од македонското национално прашање за на крајот, околу 1955 година и потоа, да го одбегнува неговото спомнување во меѓусебните средби и контакти со соседните балкански земји, а посебно во Грција, се' со цел да не се нарушат добрите југословенско-поточно српско-грчки односи. Суштествено е да се подвлече дека изворната документација со која располагаме и ја проучивме, се карактеризира со својата длабочинска проникливост во анализите на настаните сврзани за Македонија и македонскиот наорд. Од документацијата неминовно произлегува и се наметнува заклучокот дека не само што не можело да се заобиколи или негира реалноста за присуството на јасно оформеното македонско национално чувство, туку напротив, ја нагласуваат посебноста на Македонија и на македонскиот народ, и што е најзначајно, на Македонија се гледа како на една интегрална целина и во географски и во национален и во стопански поглед, а во одделни периоди се оправдува и поддржува борбата на македонскиот народ за создавање на своја државност и самостојност.
ПОВЕЛЕТЕ ВО ГРУПАТА МАКЕДОНИЈА ЗА СЕКОГАШ ПОДОЛЕ НА ЛИНКОТ
https://www.facebook.com/groups/564041373974379/
Comments
Post a Comment